Портпаролот на турската владејачка Партија на правдата, Омер Челик, изјави дека официјална Анкара сè уште бара од Стокхолм да ги екстрадира осомничените лица, кои ги смета за терористи, пред земјата да го одобри пристапувањето на Шведска во НАТО.
Турција се уште не е подготвена да го укине ветото и да ја поддржи кандидатурата на Шведска за НАТО. Ветувањата дадени од Стокхолм во врска со загриженоста на Анкара за обезбедување азил на осомничените терористи не се доволни. Овие изјави на Шведска се добри, но не доволни додека не се спроведат, изјави Челик.
Турција го стопираше процесот на одобрување на барањата на Шведска и Финска за влез во НАТО, кои беа поднесени во мај. Двете земји се обидоа да се приклучат на воениот блок по почетокот на руската воена операција во Украина.
Официјална Анкара претходно предупреди дека би можела да ги блокира понудите, обвинувајќи ги двете држави дека засолнуваат членови на Курдската работничка партија (ПКК) и други групи што Турција ги смета за терористички организации.
На почетокот на октомври турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потврди дека неговата земја е подготвена да ја поддржи кандидатурата на Финска, додавајќи дека „Финска не е земја во која терористите шетаат слободно“.
Пред една недела, британските медиуми јавија дека Шведска ја информирала Турција дека е подготвена да соработува со Анкара за екстрадицијата на осомничените лица за тероризам и соопштила дека презела дополнителни мерки против курдските милитанти. Официјален Стокхолм, исто така, наводно, порачал дека останува „целосно посветен на спроведувањето“ на меморандумот потпишан од Шведска, Финска и Турција во јуни.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска изјави дека неговата земја „многу го почитува фактот што секоја земја во Алијансата носи свои одлуки“, додавајќи дека неодамна телефонски разговарал со Ердоган и дека се договориле да дојде во Анкара и дека точниот датум на посетата ќе го објави кога тој ќе биде официјално потврден.
Се очекува шведскиот премиер да ја посети Турција следната недела.
Изјавите дојдоа во пресрет на посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Турција неделава.
Досега само две членки на НАТО ги немаат ратификувано пристапните протоколи за Финска и Шведска: Турција и Унгарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.