Минатата седмица цените на нафтата на светските берзи скокнаа за повеќе од 4 отсто, достигнувајќи највисоки нивоа во последните пет месеци, што е најмногу последица на зголемените тензии на Блискиот исток.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата седмица скокна за 4,2 отсто, на 91,17 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 4,5 отсто, на 86,91 долар. Главно поради геополитичките тензии на Блискиот исток, од почетокот на годината цената на нафтата на лондонскиот пазар е зголемена за повеќе од 18 отсто, а на американскиот пазар за околу 21 отсто.
Скокот на цената на нафтата на највисоките нивоа во последните пет месеци е најмногу резултат на зголемените тензии на Блискиот исток.Иран се закани дека ќе одговори на воздушниот напад на Израел врз иранскиот конзулат во Дамаск, главниот град на Сирија, во кој загинаа неколку високи воени претставници. Израел не ја презеде одговорноста за нападот на конзулатот, но привремено затвори 28 амбасади ширум светот од безбедносни причини.
Трговците се загрижени и за нападите на украинските беспилотни летала врз рафинериите во Русија, кои, според пресметките на Reuters, можеби блокирале околу 15 отсто од рускиот капацитет за преработка на нафта. Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и сојузниците на картелот, вклучително и Русија, на минатонеделниот состанок ја потврдија одлуката за ограничување на производството, барајќи од поединечните земји строго да се придржуваат до доделените квоти.
„Построго следење на усогласеноста со квотите треба да резултира со дополнителни намалувања на производството во вториот квартал“, напишаа аналитичарите на ANZ во белешката до клиентите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.