Три лица загинаа, а дванаесет се ранети во синоќешното руско бомбардирање на Селидово, во близина на Доњецк во источна Украина, соопштија локалните власти.
Во нападот биле погодени девет станбени згради и болница лоцирана на дваесетина километри западно од бојното поле, соопшти градскиот совет на Телеграм.
Меѓу загинатите има и едно дете, а меѓу ранетите има четири деца, информираат тие. Според гувернерот на регионот Доњецк, Вадим Филашкин, првиот напад се случил околу 23:30 часот, а вториот околу 1 часот по полноќ. Околу сто пациенти од погодената болница се евакуирани во болниците во Покровск и Мирноград, додаде тој на Телеграм.
Ниту еден извор не прецизира точно за каков напад станува збор – ракетен, артилериски или напад со дронови. Градот Селидово, кој пред војната имаше околу 21.000 жители, се наоѓа во околината на градот Доњецк.
Во меѓувреме, руската воздушна одбрана соборила два украински дрона над регионот Белгород во близина на границата со Украина, еден е соборен над Воронеж, а шест над Црното Море, соопшти руското Министерство за одбрана.
Според гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, една жена е ранета и хоспитализирана. Ниту Гладков, ниту руското Министерство за одбрана не пријавија евентуална штета.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.