Три деца, меѓу кои и 10-месечно бебе, загинаа во пожар што рано утринава избувна во куќа во близина на Сиднеј, а локалните медиуми јавуваат дека австралиската полиција го истражува случајот како убиство.

Службите за итни случаи биле повикани на имотот во Лалор Парк, населба на околу 35 километри западно од центарот на Сиднеј, околу 1 часот по полноќ по локално време, соопшти полицијата, цитирана од Ројтерс.

На две момчиња, на возраст од две и четири години, им била укажана помош на местото на настанот, но починале набргу откако биле примени во болница.

По гаснењето на пожарот пронајдено е безживотно тело на десетмесечно девојче, соопшти полицијата.

Уште четири деца на возраст од шест до 11 години се во стабилна состојба во болница, како и нивната мајка, која се лекува од вдишување на поголема количина отровен чад.

Таткото, кој ги попречувал напорите на полицијата да влезе во имотот, бил уапсен и однесен во болница под полициски надзор.

„Детективите за убиства ја презедоа истрагата за овој случај, кој се третира како семејно убиство. Во моментов, се чини дека 28-годишен маж е одговорен за повеќекратни убиства“, рече портпаролот на полицијата Дени Доерти.

Од полицијата додаваат дека таткото намерно ја спречил полицијата да влезе во куќата и да им помогне на децата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.