Доналд Трамп ќе се предаде на обвинителството во Њујорк во вторник, рече неговиот адвокат, инсистирајќи на тоа дека поранешниот претседател „нема да биде ставен во лисици“. Џо Такопина додаде дека обвиненијата – првото кривично обвинение во историјата на поранешен претседател на САД – се однесуваат на плаќања за купување на молкот на порно актерката Сторми Даниелс.
Њујоршкиот обвинител Алвин Брег побара Трамп да му биде предаден на судот до денеска, но овој рок беше продолжен поради барањата на американските тајни служби, поврзани со посебните услови за предавање на важна личност како што е поранешниот шеф на државата, изјави извор за Фокс њуз.
Поранешниот американски претседател беше обвинет во петокот, како дел од повеќегодишната истрага на окружниот обвинител на Менхетен, за тајни плаќања, вклучувајќи 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс и 150.000 долари на поранешниот модел на Плејбој, Карен Мекдугал.
Американски медиуми претходно објавија како изгледа протоколот по покренување обвинение – по предавањето во полициска станица се земаат отпечатоци, обвинетиот се фотографира и се земаат неговите основни информации, по што обвинетиот е задржан најмалку неколку часови.
Обвинетиот мора да го предаде мобилниот телефон и другите лични работи, а адвокатите често не можат да бидат со обвинетите кога ќе поминат низ овој процес и ги советуваат да не даваат никакви изјави.
Одлуката да се поднесе обвинение против поранешниот американски претседател Доналд Трамп уследи по истрагата за тоа дали Трамп фалсификувал деловни документи кога преку својот адвокат и платил на Сторми Даниелс 130.000 долари за да ја спречи да зборува за нивната наводна афера, објавија претходно американските агенции.
Трамп е првиот американски претседател во историјата кој ќе биде кривично гонет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.