Францускиот претседател Емануел Макрон следната недела ќе отпатува за Кина за да разговара со својот кинески колега Си Џинпинг. Посетата е во момент додека Макрон се обидува да ги балансира своите државнички амбиции на глобално ниво со борбата да ги задржи протестите против пензиските реформи дома.

Тие протести го принудија Макрон да ја откаже државната посета на британскиот крал Чарлс.

Многу е престижна работа да се биде домаќин на првата посета на кралот на Англија во странство, тоа не се случува секој ден. Ако не можете да го спроведете, тоа е проблем, рече неименуван амбасадор на европска земја, додека друг амбасадор додаде дека „тоа очигледно го ослабнало“.

Директорот на Центарот за европски студии на Универзитетот Ренмин во Кина, Ванг Јивеи изјави дека тоа не останало незабележано ниту од кинеските набљудувачи.

Протестите носат голем ризик и на Франција и треба дипломатски поттик, особено затоа што сака да ја игра улогата на лидер на Европа, рече тој.

Макрон сака да испрати „јасно предупредување“ до својот колега Си Џинпинг, чиј домаќин беше рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ на почетокот на овој месец, дека Европа нема да прифати Кина да и испорачува оружје на Русија, јавија француски медиуми цитирајќи дипломат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.