Талибанците апелираа за итна хуманитарна помош за Авганистан „без политичка пристрасност“, наведувајќи дека неодамнешниот снег и поплавите ја влошиле и онака тешката состојба на авганистанскиот народ. Откако талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан во средината на август минатата година, земјата западна во финансиски хаос, со висока инфлација и невработеност.

САД замрзнаа милијарди долари авганистански фондови, а приливот на помош е речиси запрен.

Глобалните хуманитарни агенции предупредија дека повеќе од половина од 38-те милиони Авганистанци се очекува да се соочат со глад во текот на зимата.

Во видео-апел, вицепремиерот Абдул Гани Барадар рече дека светот има обврска да му помогне на Авганистан.

Во различни делови на земјата во моментов, жителите немаат храна, сместување, топла облека или пари. Светот мора да го поддржи Авганистан без никаква политичка пристрасност и да ги реализира своите хуманитарни обврски, рече Барадар.

Снегот деновиве покри големи делови од централен и северен Авганистан, додека поплави зафатија делови од југот на земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.