Политиката на Кина, за постигнување нулта стапка на инфекција во сузбивање на пандемијата од Ковид-19, е неодржлива, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебрејесус, известувајќи за разговорот со кинески експерти на ова прашање.

Кога зборуваме за стратегијата за Ковид-19 со нулта стапка, не сметаме дека тоа е одржливо, појасни тој пред новинарите во Женева.

Однесувањето на вирусот сега и предвиденото како ќе се одвива во иднина, бараат поинаква стратегија, смета тој.

Треба да се прилагодиме на околностите, додаде директорот на СЗО за вонредни состојби, Мајкл Рајан.

Официјално, Кина има многу мал број починати со Ковид-19, во однос на бројните жители.

Рајан истакна дека, по растот на бројот на починати од февруари и март, логично е Владата да реагира.

Но, сите овие дејствија, како што повторуваме од почетокот, мора да се донесат со почитување на поединци и на човечките права, тврди Рајан.

Кон крајот на минатата недела, Кина повторно соопшти дека продолжува да ја спроведува стратегијата за нулта стапка на Ковид-19, и покрај растечката фрустрација во Шангај, каде жителите се затворени со недели.

Според кинеските власти, Кинезите живееле речиси нормално од 2020 година и го ограничиле бројот на починати на помалку од 5.000 лица.

Но, варијантата омикрон, го променила трендот.

Доктор Рајан повика да се применува „динамична, прилагодлива и еластична политика“, затоа што неприлагодливоста може да „предизвика многу штета“.

Марија Ван Керхов, задолжена за надзор на борбата против Ковид во рамките на СЗО, инсистира дека денеска е невозможно да се запре секој пренос на вирусот.

Наша цел на светско ниво, не е да се забележи секој случај и да се запре секоја трансмисија. Тоа навистина не е можно сега, подвлече таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.