Првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адана Гебрејсус, ги предупреди светските лидери дека пандемијата на коронавирусот „не е ни блиску до својот крај“.

Тој потсети дека некои европски земји бележат рекорден број на нови случаи поради сојот омикрон.

Би-Би-Си пренесе дека Тедрос, на редовната прес-конференција во седиштето на СЗО во Женева, кажа дека сојот омикрон само минатата недела предизвикал 18 милиони нови инфекции ширум светот.

-Иако овој сој може да се покаже дека е помалку сериозен, наративот дека се работи за блага болест е погрешен, рече тој.

„Не правете грешка, омикрон предизвикува хоспитализации и смртни случаи, а уште потешки случаи ги поплавуваат здравствените установи“, рече директорот на СЗО.

Тој ги предупреди глобалните лидери дека „со неверојатниот напредок на омикрон на глобално ниво, најверојатно ќе се појават нови варијанти на вирусот, поради што следењето и евалуацијата остануваат клучни“.

-Исто така сум особено загрижен за многу земји кои имаат ниски стапки на вакцинација, бидејќи луѓето се многу повеќе изложени на ризик од сериозни болести и смрт доколку не се вакцинираат, рече тој.

Директорот за вонредни ситуации на СЗО, Мајк Рајан, предупреди дека зголемената преносливост на омикрон веројатно ќе доведе до зголемување на хоспитализациите и смртните случаи, особено во земјите каде што се вакцинирани помалку луѓе.

-Експоненцијалното зголемување на случаите, без разлика на тежината на поединечните варијанти, доведува до неизбежно зголемување на хоспитализирањата и смртните случаи, рече Рајан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.