Во Франција денеска почна судењето без преседан на актуелниот министер за правда Ерик Дипон-Морети обвинет за судир на интереси.

Судењето, кое ќе трае десет дена, започна пред Судот на правдата на Републиката, единствениот овластен да им суди на членовите на Владата за дела сторени додека се на функција.

Конфликтот на интереси настана во врска со тоа што Дипон-Морети како министер поведе истрага против судиите со кои своевремено се спореше додека беше адвокат и дека како министер е поврзан со адвокатот на поранешниот француски претседател Никола Саркози во корупциска афера.

Случајот почна кон крајот на јуни 2020 година, во времето на корупцискиот скандал „Пол Бизмут“ против Саркози, кога неделниот весник „Ле Пуан“ (Точка) откри дека Канцеларијата на Националниот финансиски обвинител (ПНФ) има докази за тоа како се плаќале телефонските услуги на неколку адвокати, меѓу кои и Дипон-Морети, чија задача била да открие кој ги прислушувал Саркози и неговите адвокати.

Меѓу сведоците на судењето на Дипон-Морети (62) ќе бидат и поранешниот министер за правда Никол Белубе и поранешниот премиер Жан Кастекс.

И покрај судењето на Дипон-Морета, кој некогаш беше многу познат адвокат, тој сè уште ја ужива поддршката на францускиот претседател Емануел Макрон и премиерката Елизабет Борн.

Министерот ќе остане на функцијата и за време на сослушувањето, а извори блиски до Владата велат дека се преземени сите мерки и покрај тоа неговиот ресор да функционира добро.

Доколку министерот биде прогласен за виновен за „незаконски судир на интереси“, му се заканува казна затвор од пет години и парична казна од 500.000 евра, како и забрана за вршење јавна функција. Неговото заминување од владата, во која беше назначен во јули 2020 година, би било неизбежно.

Дипон-Морети е познат во Франција бидејќи во текот на неговите 36 години како адвокат успеал да ослободи 140 клиенти од тешки обвиненија, поради што го добил прекарот „Ослободител“.

Познат е и по тоа што „нема влакна на јазикот“, се појавува во телевизиски полициски серии и филмови, каде што најмногу се глумел себеси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.