Западните сојузници се загрижени дека Кина може да обезбеди материјална поддршка на Русија за нејзината војна во Украина, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на денешната прес конференција пред утрешниот Самит на Алијансата.

Кина ѝ даде на Русија политичка поддршка, вклучително и со ширење бесрамни лаги и дезинформации, а сојузниците се загрижени дека Кина може да обезбеди материјална поддршка за руската инвазија – информира Столтенберг.

Тој додаде дека лидерите на НАТО што утре ќе присуствуваат на вонредниот самит во Брисел „ќе ја повикаат Кина да ги исполни своите одговорности како членка на Советот за безбедност на ОН, да се воздржи од поддршка на руските воени напори и да се придружи на остатокот од светот во повикот за итен мирен крај на оваа војна“.

Столтенберг ја коментираше и вчерашната изјава на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој рече дека Русија ќе употреби нуклеарно оружје само доколку се загрози нејзиното постоење.

Русија мора да престане да „тропка“ со нуклеарно оружје. Тоа е опасно и неодговорно. НАТО е тука да ги штити и брани сите сојузници, а ние и пренесовме јасна порака на Русија – во нуклеарна војна не може да се победи, и поради тоа не треба ни да се започнува.

Ова само ја нагласува важноста да се стави крај на војната во Украина. Мораме да направиме сè што можеме за да спречиме војната да ескалира надвор од границите на Украина и да стане посмртоносна и поопасна од она на што сме сведоци денес. Секоја употреба на хемиско, биолошко, нуклеарно оружје ќе ја промени природата на конфликтот, а Русија мора да знае дека никогаш нема да може да победи во нуклеарна војна – рече Столтенберг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.