Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, не гледа проблем за Алијансата во отворената поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за исламистичкото движење Хамас, кое моментално е во војна со Израел, јавува ДПА.

Никогаш не е лесно кога имаме различни ставови во Алијансата, рече Столтенберг во интервју за ДПА.

Шефот на НАТО, меѓутоа, додаде дека тоа „на никој начин не влијае на тоа што го правиме или не го правиме, бидејќи ние немаме улога во конкретниот конфликт“.

По бруталниот терористички напад на Хамас и другите групи врз израелските заедници во близина на Газа, во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, Ердоган го опиша Хамас како „ослободителна група“.

САД и ЕУ, кои се сојузници со Турција преку НАТО, го класифицираат Хамас како терористичка организација.

Како резултат на војната во Газа, Ердоган го прекина контактот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додава германската агенција.

-Нетанјаху веќе не ни е соговорник во ниту една смисла. Го избришавме, го пречкртавме, рече Ердоган.

Сојузниците од НАТО речиси и да немаат никаква забелешка или отворена критика за односот на Ердоган кон Израел и Хамас, а тука се вбројува и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој се очекува следната недела да го прими турскиот претседател во Берлин, забележува ДПА.

Столтенберг, во интервјуто за германската агенција, ги отфрли шпекулациите дека молкот на членките на НАТО треба да се поврзе со очекуваната ратификација од страна на Турција на приемот на Шведска во Алијансата.

-Тоа се две многу различни прашања, изјави тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.