Украинските власти тврдат дека на Русите им пропаднал уште еден обид да го убијат претседателот, Володимир Зеленски, откако тим од 25 лица бил уапсен на тромеѓето на украинско-словачко-унгарската граница.

Екипа обучени убијци, наводно, била уапсена од полицијата во Ужгород, на западот на Украина, додека биле на пат за Киев, објави „Билд“.

Извори на контраразузнавањето во Киев за агенцијата УНИАН изјавиле дека во групата имало и агент на руската тајна служба. Тимот, наводно, имал наредба да го убие Зеленски и да се инфилтрира во украинската влада.

Агенцијата УНИАН исто така тврди дека информациите за обидот за атентат на украинскиот претседател, вклучувајќи ја и локацијата на која се наоѓа тимот, биле добиени од антивоена фракција во рамките на руската тајна служба.

Според официјален Киев, апсењето е последниот неуспешен обид за атентат на украинскиот лидер.

Наводно, Зеленски бил цел на планови за атентат повеќе од десет пати од почетокот на руската воена акција кон крајот на февруари. Меѓу оние кои наводно се обиделе да го убијат Зеленски била и групата Вагнер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.