Рускиот политички аналитичар Валери Соловеј тврди дека водачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин е жив, бидејќи, според ова тврдење, неговиот двојник загинал во падот на авионот на платеничкиот бос минатата недела. Тој додаде дека на почетокот на следниот месец ќе соопшти во која земја наводно побегнал Пригожин.

Британски „Дејли Мејл“ го пренесува тврдењето на Соловеј дека Пригожин е „жив, здрав и слободен“ и дека се наоѓа во неименувана земја, иако вчера на гробиштата во Санкт Петербург беше одржан таен погреб за лидерот „Вагнер“.

Според Соловеј, поранешен професор на престижниот московски институт за меѓународни односи (МГИМО), за кој „Дејли мејл“ тврди дека е центар за обука и за руски шпиони и за дипломати, Пригожин ја лажирал својата смрт во авионска несреќа одобрена од Путин и дизајнирана од неговиот Совет за безбедност.

Соловеј тврди дека Пригожин сега подготвува одмазда, додека политичкиот аналитичар истовремено ги обвинува руските власти дека лажат за ДНК на лидерот на „Вагнер“ пронајдена на местото на авионската несреќа во регионот Твер.

Според Соловеј, властите во Москва ја објавиле оваа информација во јавноста иако знаеле дека обидот за убиство на Пригожин пропаднал затоа што во авионот наместо него имало двојник, кој тој и претходно го користел.

„Прво, авионот со кој Пригожин требаше да лета го собори рускиот систем за противвоздушна одбрана. Во авионот немаше експлозија. Беше соборен однадвор“, изјави Соловеј.
Според Соловеј, оваа тајна операција била дизајнирана од Советот за безбедност на Русија и лично одобрена од рускиот претседател Путин.

„Самиот Пригожин не бил во авионот. Неговиот двојник полета за него. Патем, Владимир Путин е совршено запознаен со ова. И ако верувате во официјалните изјави на руските власти, тогаш што да ви кажам“, вели Соловеј.

Тој додаде дека на почетокот на следниот месец ќе соопшти во која земја наводно побегнал Пригожин, но демантираше дека лидерот на „Вагнер“ е во Африка, каде неговата приватна армија има повеќекратни интереси да дејствува.

Според Соловеј, Пригожин планира да се појави во јавноста до крајот на оваа година и „се подготвува одмазда“.

Тој исто така тврди дека Пригожин има две милијарди долари во биткоини, кои ќе ги искористи за финансирање на овој контранапад.

„Тоа е повеќе од доволно за одмазда. А што се однесува до амбицијата, енергијата и храброста, тој ги има во изобилство“, заклучи Соловеј.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.