Словачката претседателка, Зузана Чапутова, го отфрли планот на привремената влада за испраќање нова воена помош за Украина, велејќи дека владата нема такво овластување и оти партиите кои се противат на таквата поддршка преговараат за формирање влада по минатонеделните избори.

Претседателскиот кабинет соопшти дека актуелната техничка влада има само ограничени овластувања, бидејќи на 15 јуни ја загуби потребната доверба во парламентот, еден месец откако Чапутова положи заклетва.

Чапутова во понеделникот го повика Роберт Фицо да формира влада. Неговата партија Смер-Словачка социјалдемократија (СМЕР-СД) освои најмногу гласови на парламентарните избори, но не и мнозинство во парламентот.

Фицо вети дека ќе ја стопира воената поддршка на Словачка за Украина, а неговата победа би можела дополнително да го наруши кревкото единство во Европската Унија и НАТО.

Во соопштението за печатот се наведува дека Чапутова, која е цврст поддржувач на Украина од почетокот на војната и двапати го посети Киев, не го променила својот став за неопходноста од воена помош за Украина. Но, во него се наведува и дека „одобрувањето на пакетот воена помош од страна на владата во заминување ќе создаде ризичен преседан за промена на власта по какви било идни избори“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.