Кинескиот претседател Си Џинпинг обезбеди трет петгодишен претседателски мандат.

Претседателската кандидатура на Си, која беше и единствената предложена, ја поддржаа речиси 3 000 членови на кинескиот парламент.

Ваквата одлука, која е историски преседан во земјата, ќе му овозможи на 69-годишникот да стане шеф на државата со најдолг стаж во модерна Кина, и ќе значи дека тој ќе владее до своите седумдесетти години.

На внимателно изведената церемонија во Националниот народен конгрес во Пекинг, Си ја кренал десната тупаница и ја ставил левата рака на црвена кожна копија од кинескиот устав.

Во заклетвата – емитувана во живо на државната телевизија низ целата нација – тој вети дека „ќе изгради просперитетна, силна, демократска, цивилизирана, хармонична и голема модерна социјалистичка земја“.

Назначувањето на претседателската функција од страна на кинескиот парламент доаѓа откако во октомври лани на Џинпинг му беа доделени уште пет години како шеф на кинеската комунистичка партија и на војската – двете позначајни лидерски позиции во кинеската политика.

Но, почетокот на неговиот трет претседателски мандат доаѓа кога Кина, втората по големина економија во светот, се соочува со големи предизвици – од човековите права, закрепнување од политиката за нулта-ковид, слабата глобална побарувачка, кревката доверба меѓу потрошувачите и бизнисите, па се до затегнатите односи со Вашингтон и Западот поради Тајван, како и поддршката на Пекинг за Русија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.