Улф Кристерсон, премиерот на Шведска, која го презеде претседавањето со ЕУ на 1 јануари, изјави дека победата на Украина е егзистенцијално прашање за Европа и за ЕУ ​​нема поголем приоритет од тоа.

Украинската победа има егзистенцијално значење за Европа, нема поголем приоритет од Украина. Судбината на Украина е и судбина на Европа, изјави Кристесон на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.

Шведската Влада вчера и денеска беше домаќин на членовите на ЕК во Кируна, најсеверниот град во Шведска, а на средбата се разговараше за приоритетите за следните шест месеци.

Претседателката на ЕК нагласи дека ЕУ треба да го зголеми притисокот врз Русија и да продолжи да и помага на Украина.

Ја поддржуваме Украина од првиот ден на инвазијата и ќе продолжиме да ја поддржуваме непоколебливо. Ние, исто така, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија, изјави Фон дер Лајен.

Таа додаде дека Европската Унија е премногу зависна од руските фосилни горива. Русија го намали снабдувањето со гас за ЕУ ​​за 80 отсто, но Унијата успеа да го надомести тоа од други извори.

Сега цените на бензинот се пониски отколку пред руската агресија, не останавме без струја, складиштата за гас се полни, двојно го зголемивме производството на енергија од обновливи извори, изјави Фон дер Лајен.

Таа најави дека ЕК напролет ќе објави предлог за реформа на пазарот на електрична енергија и дека ќе изработи механизам за заедничка набавка на гас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.