Иранскиот министер за надворешни работи, Хосеин Амир-Абдолахиан, од Бејрут порача дека се надева на нормализирање на односите со Саудиска Арабија, што ќе овозможи повторно отворање на амбасадите на двете регионални сили кои се затворени веќе седум години.

Дијалогот меѓу шиитскиот Иран и сунитската Саудиска Арабија почна во Багдад, а последната средба се одржа во април 2022 година. Иранскиот министер потоа накратко се сретна со својот саудиски колега на регионален состанок во Јордан во декември 2022 година.

Позитивно гледаме на враќањето на нормалните односи со Саудиска Арабија што ќе доведе до повторно отворање на претставништвата и амбасадите во Техеран и Ријад, во рамките на дијалогот меѓу двете земји, кој треба да продолжи, порача Абдолахиан на прес-конференција.

Изјавите на министерот, се дадени во време кога Иран, потресен од бран протести, ги обвинува своите „непријатели“, предводени од САД, за поттикнување на протестите и ја истакнува улогата на Саудиска Арабија во финансирање на „непријателски“ весници на персиски јазик во странство.

Во ноември, Техеран го повика Ријад да го промени своето „непријателско“ однесување и им се закани на соседите на Иран, вклучително и Саудиска Арабија, да одговорат на секој обид за дестабилизација на земјата.

Двете земји ги прекинаа односите пред седум години, по нападите врз саудиските дипломатски претставништва во Исламската Република, откако Ријад погуби истакнат шиитски верски водач.

Техеран и Ријад ги поддржуваат ривалските страни во неколку конфликти во регионот, вклучително и во Јемен. Иран има поголемо влијание во Ирак и Либан и го поддржува режимот на претседателот Башар ал Асад во Сирија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.