Шведската здравствена агенција соопшти дека луѓето на возраст од 80 и повеќе години треба да добијат втора засилувачка доза вакцина против корона вирус, односно вкупно четири дози вакцина за имунитет во услови на брзо ширење на варијантата омикрон.

Препораката важи и за лицата кои живеат во домови за стари лица, но и за оние кои живеат дома, но ги посетува стручен кадар кој им помага во секојдневните активности.

Втората бустер доза треба да се администрира не порано од четири месеци по првата засилувачка доза, се вели во соопштението на здравствената агенција.

Шведска забележа рекорден број на нови инфекции претходно оваа година, што се припишува на брзото ширење на омикрон варијантата.

Тамошните власти планираат да ги отстранат ограничувањата и да ги намалат тестирањата веќе овој месец, потпирајќи се на засилувачките дози, како и на фактот дека омикрон предизвикува поблаги симптоми, што го намалува притисокот врз здравствениот систем.

Како засилувачка доза Шведска ги препорачува вакцините на „Модерна“ и „Фајзер/БиоНТек“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.