Глобалното затоплување и промените во шемите на користење на земјиштето во наредните децении може да доведат до зголемување на шумските пожари, што ќе предизвика нездраво загадување на воздухот и други проблеми со кои владите ширум светот не се подготвени да се соочат, се вели во извештајот на Обединетите нации (ОН).
Западниот дел на Соединетите Американски Држави, северен Сибир, централна Индија и источна Австралија веќе се соочуваат со повеќе пожари, а веројатноста за катастрофални шумски пожари на глобално ниво би можела да се зголеми за повеќе од 50 отсто до крајот на векот.
Подрачјата кои некогаш се сметаа за безбедни од големи пожари повеќе нема да бидат такви, вклучувајќи го и Арктикот, каде што се вели дека е многу веројатно значително зголемување на пожарите.
И во тропските шуми на Индонезија и јужниот дел на Амазон во Јужна Америка, фреквенцијата на шумски пожари најверојатно ќе се зголеми.
Неконтролираните и разорни пожари стануваат очекуван дел од сезонските календари во многу делови од светот – изјави Андру Суливан, еден од авторите на извештајот.
Истражувачите на ОН велат дека многу нации сè уште трошат премногу време и пари за гаснење пожари, но не прават доволно за да ги спречат.
Промените во користењето на земјиштето може да ги влошат пожарите, како што е уништувањето на шумите, кое зад себе остава остатоци од дрво што лесно може да изгорат. Исто така, во извештајот се наведува дека намерно се палат шуми за да се расчисти земјиштето за земјоделство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.