САД немаат многу начини да ги следат значителните испораки на противтенковско, противвоздушно и друго оружје што го испратија во Украина, велат извори за „Си-Ен-Ен“.

Оваа „слепа точка“ најмногу се должи на отсуството на американската војска на терен и на лесната преносливост на помалите системи кои сега ја минуваат украинската граница. Администрацијата на Џо Бајден е свесна за тоа и е подготвена да го преземе тој ризик, анализира медиумот.

На краток рок, САД го видоа трансферот на опрема во вредност од стотици милиони долари како витален за способноста на Украинците да се спротивстават на инвазијата на Москва. Висок претставник на одбраната вели дека тоа е „секако најголемата пратка до земја партнер во конфликт“. Но, американските одбранбени претставници и аналитичари, велат дека на долг рок, ризикот е што дел од тоа оружје може да заврши во рацете на други армии и милиции кои САД немаа намера да ги вооружат – пишува „Си-Ен-Ен“.

Извор информиран од американските разузнавачки служби изјавил дека Вашингтон може само кратко време да го следи оружјето, но дека „кога ќе влезе во маглата на војната, нема ништо“, опремата „паѓа во голема црна дупка“ и исчезнува по кратко време.

Во одлуката да испрати милијарди долари оружје и опрема во Украина, администрацијата на Бајден го зеде предвид ризикот некои од пратките да завршат на неочекувани места, вели претставник од американката одбраната. Но, во мометов, според официјалниот претставник, администрацијата смета дека поголем ризик е да не се успее Украина соодветно да биде вооружена – се вели во извештајот.

Бидејќи американската војска не е на теренот, САД и НАТО во голема мера се потпираат на информациите обезбедени од украинската влада. Приватно, официјалните лица признаваат дека Украинците даваат само информации што ќе го зајакнат нивниот аргумент за поголема помош, повеќе оружје и повеќе дипломатска помош.

Тоа е војна – сè што прават и кажуваат јавно е дизајнирано да им помогне да победат во војната. Секоја јавна изјава е информативна операција, секое интервју, секое емитување на настапот на Зеленски е информативна операција. Тоа не значи дека грешат што го прават тоа – вели друг извор запознаен со западното разузнавање.

Со месеци, американските и западните официјални лица нудат детални извештаи за тоа што знае Западот за статусот на руските сили во Украина: жртви, борбена моќ, залихи на оружје, каква муниција користат и каде. Но, кога станува збор за украинските сили, официјалните лица признаваат дека Западот – вклучително и САДи – има одредени празнини во информациите. Западните проценки за украинските жртви се исто така магливи, велат два извори запознаени со американските и западните разузнавачки служби.

Тешко е да се следи кога никој не е на теренот – изјавил извор запознаен со разузнавачките служби.

Администрацијата на Бајден и земјите од НАТО велат дека обезбедуваат оружје на Украина врз основа на она што украинските сили велат дека им е потребно, без разлика дали станува збор за преносливи системи како што се ракетните фрлачи „Џавелин“ и „Стингер“ или словачкиот систем за воздушна одбрана „С-300“ испратен минатата недела.

Ракетите, пушките и муницијата за „Џавелин“ и „Стингер“ се природно потешки за следење од поголемите системи како што е „С-300“, кој беше испорачан со железница. Иако „Џавелин“ имаат сериски броеви, постојат неколку начини да се следи нивниот пренос и употреба во реално време – велат извори запознаени со проблемот.

Со последната одлука, САД се согласија да му обезбедат на Киев опрема со висока моќност за која некои претставници на администрацијата на Бајден до пред неколку недели мислеа дека претставува прекумерен ризик од ескалација, вклучувајќи 11 хеликоптери Ми-17, 18 хаубицерски топови од 155 милиметри и уште 300 „Свичблејд“ дронови. Но, голем дел од таа опрема сè уште не е „онлајн“, а „Свичблејд“ се мобилни беспилотни летала за еднократна употреба кои е тешко да се следат.

Не можев да ви кажам каде се во Украина и дали Украинците ги користат во моментов. Можеби никогаш нема да знаеме точно до кој степен тие ги користат овие дронови – изјави висок претставник на одбраната на новинарите минатата недела.

Прес-секретарот на Пентагон, пак, Џон Кирби, изјави дека министерството за одбрана не го издвојува оружјето што го испраќа за одредени единици.

Камиони натоварени со пакети оружје обезбедени од Министерството за одбрана беа подигнати од украинските вооружени сили – првенствено во Полска – и потоа однесени во Украина. Останува на Украинците да одредат каде одат и како ќе бидат распределени во земјата – изјави Кирби.

Извор од Конгресот истакнува дека, иако САД не се на терен во Украина, Вашингтон има алатки за да открие што се случува надвор од она што го кажуваат Украинците, истакнувајќи дека САД користат сателитски снимки и дека се чини оти и украинските и руските сили користат комерцијална комуникациска опрема.

Друг извор од Конгресот вели дека американската армија смета оти информациите што ги добила од Украина се генерално веродостојни, бидејќи САД осум години ја обучуваат и опремуваат украинската армија, развивајќи силни односи. Но, тоа не значи дека нема слепи точки, вели изворот, како што е оперативниот статус на украинските „С-300“.

Џордан Коен, аналитичар за одбрана и надворешна политика на CATO, кој се фокусира на продажбата на оружје, вели дека најголемата опасност е „поплавата“ на оружје што тече во Украина, што може да се случи кога војната ќе заврши или ќе влезе во еден вид долгорочен ќор-сокак.

Таквиот ризик е дел од секое размислување за испраќање оружје во странство. Со децении, САД испраќаа оружје во Авганистан, прво за да ги вооружат муџахедините во нивната борба против советската армија, а потоа да ги вооружат авганистанските сили во нивната борба против талибанците.

Некои од тие оружја завршија на црниот пазар, вклучително и противвоздушните ракети „Стингер“, истите ракети што САД сега ги испраќаат во Украина.

Познато е дека САД се бореа да ги вратат „Стингерите“ по советската војна во Авганистан. Тие не успеаја да најдат сè, а кога САД го нападнаа Авганистан во 2001 година, некои официјални лица стравуваа дека Талибанците би можеле да ги искористат против САД.

 

Друго оружје заврши во рацете на американските противници. Голем дел од она што го оставија САД за да им помогнат на авганистанските сили стана дел од арсеналот на талибанците по падот на авганистанската влада и војска.

 

Проблемот не е единствен само за Авганистан. Оружјето продадено на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати падна во рацете на борците поврзани со Ал Каеда и Иран.

 

Постои и ризик да се случи слично сценарио во Украина, признава претставникот на одбраната.

Во 2020 година, генералниот инспектор на Министерството за одбрана објави извештај во кој изрази загриженост за следењето на крајната употреба на оружјето испратено во Украина. Но, со оглед на речиси незаситните краткорочни потреби на украинските сили за повеќе оружје и муниција, долгорочниот ризик оружјето да заврши на црниот пазар или во погрешни раце се сметаше за прифатлив, вели претставникот.

Ова може да биде проблем за 10 години, но тоа не значи дека не треба да размислуваме за тоа. Над 50 милиони парчиња муниција – целата таа муниција нема да се користи само за борба против Русите. На крајот, таа муниција ќе биде злоупотребена, намерно или не – вели аналитичар на CATO, Џордан Коен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.