Претседателката на шпанскиот Парламент, Франсина Арменгол, соопшти дека дебатата и гласањето за реизбор на актуелниот премиер во техничкиот мандат на Педро Санчез ќе се одржи кон крајот на неделава.

Партиските лидери в среда ќе разговараат за кандидатурата на Санчез, а гласањето ќе се одржи во четврток, кажа Арменгол.

Санчез, кој на оваа функција е од 2018 година, се очекува да биде изгласан без проблем во 350-члениот шпански Парламент, бидејќи неговата Социјалистичка партија, со освоени 121 место на изборите, во меѓувреме постигна договор со неколку помали партии со што обезбеди поддршка од 179 пратеници, три повеќе од потребното мнозинство.

Неубедливите резултати од шпанските избори одржани на 23 јули ги оставија сите партии без победа што ќе им овозможеше сами да формираат влада.

Централнодесничарската Народна партија, предводена од Алберто Нуњез Фејо, освои најмногу места на изборите, 137, но поради нејзините блиски врски со крајнодесничарската партија Вокс, речиси ниту една друга партија не ја поддржа кандидатурата на Фејо за коалициска соработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.