Шпанската државна секретарка за транспорт и директорот на државната железница поднесоа оставки по револтот во јавноста откако беше обелоденето дека десетици нови возови нарачани за северните шпански региони се преголеми да ги собере во некои од тунелите низ кои треба да сообраќаат.

Пред три години државната компанија која управува со железницата, Ренифе, објави дека планира да ги модернизира возовите во областите Астурија и Кантабрија. Сепак, минатиот месец беше објавено дека нарачаните возови, кои чинат речиси 258 милиони евра, се прешироки за да поминат низ дел од тунелите во овие два региони.

Регионалниот претседател на Кантабрија, Михел Анхел Ревиљапроектот го опиша како „фаличен“ и повика на итна реакција, додека Адријан Барбон, претседател на соседната Астурија, изјави дека бил „бесен и разочаран“.

Отказите за двајца вработени во железничката компанија минатиот месец не беа доволни за да се смири јавниот револт, кој ги обвинува надлежните за лошо планирање и за доцнењето на испораката на возовите која ќе следи.

Ренфе ги нарачале возовите во 2020 година, но веќе следната година компанијата ЦАФ, која требало да ги произведе возовите, сфатила дека димензиите кои ги добиле за возовите не се точни и го прекинале производството.

Железничката мрежа во северниот дел на Шпанија била изградена во 19 век и тунелите под планините не одговараат на стандардите на модерните димензии за тунели.

Грешката значи дека возовите ќе бидат испорачани во 2026 година, односно со две години задоцнување од првично предвиденото.

Шпанската Влада, предводена од премиерот Педро Санчез, се обиде реакциите да ги ублажи преку соопштение дека железничкиот сообраќај низ Астурија и Кантабрија ќе биде бесплатен додека не стигнат новите возови, на почетокот на 2026 година.

Од моментот кога дознав за овој проблем, направив се` што можев за да откријам што се случило и да најдам решение. Од почетокот презедовме одговорност, се извинивме и ја признавме грешката. Ние исто така започнавме внатрешна контрола и составивме работна група која треба да најде решение и да ја забрза конструкцијата на возовите колку што е тоа можно, изјави министерката за транспорт, Ракел Санчез по средбата со Ревиља и Барбон.

Владата тврди дека грешката била забележана рано и дека биле избегнати финансиски загуби, сепак регионот на Кантабрија побара финансиска компензација за овој пропуст.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.