Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска уште еднаш ја повика Турција да го одобри барањето на Шведска за членство во НАТО, но рече и дека членството на Украина не доаѓа предвид додека трае војната во таа земја. Говорејќи во германскиот парламент утринава, Шолц рече дека е „цврсто убеден дека Шведска треба да седне на масата на самитот како нов сојузник заедно со Финска“, кога лидерите на НАТО ќе се сретнат во Вилнус следниот месец.
Тој на германските претставници им порача дека бара од реизбраниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган да се откаже од приговорите за членството на Шведска во алијансата, на што се согласија сите други членки на минатогодишниот самит во Мадрид.
Ердоган постојано ја обвинува Шведска дека не презема чекори против „терористичките организации“, што очигледно се однесува на претежно курдските политички групи од Турција кои дејствуваат во егзил во Шведска, но се однесува и на застапниците на неуспешниот обид за државен удар против него во 2016 година.
Шведска неодамна ги заостри своите закони за тероризам, а врховниот суд на земјата ја одобри првата екстрадиција на наводен симпатизер на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) во Турција. Членството на Украина во НАТО, сепак, не доаѓа предвид се додека трае руската војна против таа земја, рече Шолц.
Правилата на Северноатлантскиот договор не дозволуваат да се примат земји кои се вклучени во активни конфликти. Грузија и Молдавија, кои имаат проруски сепаратистички провинции, беа исклучени поради истата причина. Конфликтот во Украина започна во 2014 година со проруски бунт во регионот на Донбас, поддржан од Москва, пред Русија да започне инвазија во февруари 2022 година.
Земјите-членки на НАТО, рече Шолц, треба да се фокусираат до крајот на војната на пружање помош за Украина преку зајакнување на нејзините воени и одбранбени капацитети, рече Шолц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.