Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека во оваа фаза не планира да оди во Киев, како што од него побара Володимир Зеленски, оценувајќи ја како „иритирачка“ одлуката на украинскиот претседател да не го прими шефот на германската држава.

На прашањето на јавното радио РББ дали ќе замине во Украина, германскиот канцелар повтори дека е во редовен контакт со украинскиот претседател и оти бил во Киев непосредно пред руската инвазија на 24 февруари, сугерирајќи дека не му е во план повторување на таква посета.

Речиси и да нема друг шеф на држава или влада кој има толку интензивни контакти со мене, рече Шолц.

Советник на Зеленски за јавната телевизија ЗДФ претходно изјави дека украинските власти сè уште очекуваат германскиот канцелар веднаш да донесе практични одлуки, како што е испорака на оружје.

Несогласувањата меѓу Германија и Украина почнаа откако Зеленски одби да го прими германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој сакаше да дојде во Киев со делегациите од Полска и од балтичките земји. Според изворите на „Билд“, причината зошто Зеленски одбил да се сретне со Штајнмаер е затоа што „Штајнмаер има блиски односи со Русија“.

Германија веќе испорача одбранбено оружје на Украина, но Шолц со денови е под притисок, дури и во рамките на неговото владејачко мнозинство, да одобри испраќање на офанзивно оружје, како што се оклопни возила, пренесува Бета. Социјалдемократската партија (СПД) продолжува да се спротивставува на снабдувањето со тешко оружје. Пратеникот Џо Вајнгарте укажа на опасноста Германија постепено да се вклучи во војната.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.