Германија во вторникот го повтори своето противење на енергетските санкции против Русија, предупредувајќи дека тоа може да има негативни последици за европските економии, јавува Анадолија.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот парламент Роберт Мецол во Берлин, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека европските земји треба внимателно да ги проценат предложените мерки.
Санкциите треба да влијаат на агресорот, но во исто време треба да се погрижиме тие да имаат минимални реперкусии врз нашите економии и да можеме да ги поддржиме – рече тој.
Шолц истакна дека не само Германија, туку и многу други земји од Европската унија се уште треба да купуваат гас, нафта и јаглен од Русија, бидејќи немаат други алтернативи на краток рок.
Но, решивме што поскоро да не зависиме од увозот на јаглен, гас и нафта од Русија. И на тоа работиме со полна брзина – додаде тој.
Германскиот канцелар рече дека земјите од ЕУ воведоа „најстроги санкции“ кон Русија минатиот месец како одговор на нејзиниот напад врз Украина, заедно со силните економски и финансиски мерки.
И овие санкции почнаа да го покажуваат своето влијание врз руската економија и секој ден ќе бидат се подраматични – нагласи тој.
Шолц го обнови својот повик до рускиот претседател Владимир Путин веднаш да ги прекине сите борбени операции во Украина и да ги повлече руските трупи од земјата.
Итно е потребен прекин на огнот за да се стави крај на незамисливото страдање и уништување – рече тој.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции против Москва и го поттикна егзодусот на глобалните компании од Русија.
Според проценките на ОН, во Украина загинале најмалку 953 цивили, додека повеќе од 1.557 биле повредени. Повеќе од 3,5 милиони луѓе побегнаа и во соседните земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.