Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека Германија мора да биде подготвена за ескалација на војната во Украина и дека неговото неодамнешно патување во Кина било значајно затоа што го искажал заедничкиот став на двете земји против употребата на нуклеарно оружје, пренесува Ројтерс.

„Со оглед на развојот на војната, видливите и сѐ поголеми неуспеси на Русија… мора да бидеме подготвени за ескалација“, рече Шолц на конференцијата во Берлин, чиј домаќин беше весникот Зудојче цајтунг.

За време на посетата на Кина претходно овој месец, Шолц и кинескиот претседател Си Џинпинг ги осудија заканите за употреба на атомско оружје во Украина.

Поради војната во Украина, Германија драстично ја промени претходната политика за инвестиции во војската. Шолц вели дека одбранбениот фонд од 100 милијарди евра е доказ дека Германија сериозно ја сфатила опасноста што може да ја предизвика ескалацијата на конфликтот во Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.