Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека се чувствува „обврзан да стори сé за да ѝ даде шанса на дипломатијата и да стави крај на војната“ во Украина. Шолц, чии коментари уследија по обраќањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски во германскиот парламент, рече дека е „длабоко“ трогнат од она што го кажа Зеленски.

Повторувајќи ги сличните забелешки на западните лидери, германскиот лидер исто така нагласи дека конфликтот е „војна на Путин“ и дека рускиот претседател „сам ја сноси одговорноста“.

Шолц рече дека помошта за Украина ќе придонесе „отпорноста на Украинците да биде што е можно посилна“ и дека „меѓународната заедница најде прецизни средства сериозно да и` нанесе штета на Русија, така што оваа војна веќе ќе има драматични ефекти врз Русија“.

Германскиот лидер, исто така, рече дека неговата земја прави долгорочни планови за украинските бегалци и призна дека е „огромен предизвик да се примат Украинците“. Германија сака да најде решение наместо да разговара за финансирање со недели и месеци, рече Шолц, притоа нагласувајќи дека „сакаме да го направиме тоа добро“.

Понатамошниот развој на војната ќе одреди како да се интегрираат Украинците во Германија, додаде Шолц. „Можеби нема да ја повториме грешката дека ова е само привремено. Мора да планираме интеграција во градинките, училиштата и пазарот на труд“, нагласи канцеларот. „Ако луѓето се вратат назад, тогаш ќе има мост и ќе се создадат пријателства меѓу Украина и Германија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.