Според резултатите од најновата анкета на јавното мислење, шкотските гласачи се поделени околу тоа дали треба да се одржи нов (втор) референдум за независност на Шкотска во октомври 2023 година.
Истражувањето, спроведено од агенцијата „Панелбејс“ (Panelbase) за весникот „Сандеј Тајмс“, покажуваа дека 44 отсто од гласачите се против одржување референдум, додека 43 отсто биле за негово спроведување.
Анкетата е спроведена со 1.010 гласачи, а еден од 10 испитаници ниту го поддржува ниту се противи на гласањето, додека три отсто од нив не знаат за што се.
Шкотската премиерка, Никола Старџен, неделава изјави дека шкотскиот Парламент ќе донесе одлука за одржување референдум за независност од Обединетото Кралство што е планиран за 19 октомври 2023 година.
Приближно 48 отсто од испитаниците во истражувањето потврдиле дека ќе ги поддржат напорите на Шкотска, но 47 отсто од нив одговориле дека ќе го поддржат останувањето на земјата во Обединетото Кралство. Последните пет проценти се неопределени и не знаат на чие конто ќе заврши нивниот глас.
Британската Владата досега одбиваше да даде согласност за одржување референдум за независност, со образложение дека референдумот одржан во 2014 година беше настан што се случува „еднаш во генерација“.
Но, Старџен порача дека ќе се обрати до Врховниот суд на Обединетото Кралство за да ја утврди законитоста на одржување нов референдум, без согласноста на Вестминстер. Доколку ова биде отфрлено, шкотската Влада соопшти дека следните општи избори во Вестминстер ќе бидат „де факто референдум“ за иднината на Шкотска во рамките на Унијата.
Повеќето испитаници веруваат дека британскиот премиер Борис Џонсон ќе продолжи да ја отфрла идејата за референдум.
Исто така, половина од анкетираните веруваат дека Врховниот суд ќе пресуди дека Холируд (Holyrood) нема овластувања легално да одржува референдум без согласност на британската Влада, додека третина од нив веруваат дека судиите ќе донесат одлука во корист на шкотската Влада.
Доколку референдумот не се одржи следната година, а Шкотската национална партија (СНП) излезе на изборите во Вестминстер, кои треба да се одржат во 2024 година, истражувањата покажуваат дека партијата на Никол Старџен би можела да освои 47 отсто од гласовите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.