Кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин се снимени како топло се збогуваат на крајот на дводневниот состанок во Москва, кој заврши вчера. Кинескиот лидер на заминување му вели на Путин дека „ширум светот започнуваат геополитички промени“.

Двајцата лидери повикале на „одговорен дијалог“ за да се реши украинската криза, а Ши признал дека Пекинг и Москва потпишале договор кој ги доведува нивните врски во нова ера на соработка.

Сега е објавена снимка од заминувањето на Ши од Москва.

„Доаѓа промена каква што не сме виделе 100 години – и ние сме тие кои заедно ја почнуваме таа промена“, му рекол Ши на Путин додека стоел пред вратите на Кремљ. Рускиот претседател одговорил: „Се согласувам“.

Ши потоа подал рака да се ракува со Путин и рекол: „Чувај се, те молам, драг пријателе“. Путин одговорил држејќи ја раката на Ши и рекол: „Среќен пат“.

Во недостиг на придвижување околу Украина, самитот пред сè имал за цел да ја покаже цврстината на односите меѓу Русија и Кина, во контекст на зголемените тензии меѓу тие земји и западот, оценува агенцијата „France presse“.

Во заедничката изјава двајцата лидери го нападнале Западот, обвинувајќи ги САД за поткопување на меѓународната безбедност за да ја одржат својата воена предност, и изразиле загриженост за се поголемото присуство на НАТО во Азија.

Патот на Ши во Москва бил важна потпора за шефот на руската држава, кој од минатата недела е на мета на налог за апсење од Меѓународниот казнен суд (ICC). Проектот на кинескиот претседател во Русија исто така доаѓа во момент кога Москва ја пренасочи својата економија кон Кина, соочена со западните санкции.

Во тој контекст, Путин во вторникот објавил дека постигнал договор со Ши за гигантски проект на гасоводот Сибирска моќ 2, кој ќе и овозможи на Русија испорака од 50 милијарди кубни метри дополнителен гас годишно.

Ши покрај тоа го повикал Путин оваа година да ја посети Кина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.