Конзорциумот „Северен тек 2“ објави дека основал германска подружница „Гас за Европа“ (Gas for Europe), која ќе го поседува и ќе управува со германскиот дел од гасоводот со што се отвора патот за добивање лиценца во Германија.

Германската Федерална мрежна агенција во ноември го суспендираше процесот на издавање дозволи бидејќи, според германските закони, операторот на гасоводот мора да биде германска компанија.

Седиштето на германската подружница е во Шверин, соопшти концернот, составен од рускиот гасен гигант „Газпром“, францускиот „Енџи“, австриската „ОМВ“, британски „Шел“ и германските „Унипер“ и „Винтершал ДА“.

Северен тек 2 треба да испорачува гас од Русија до Германија, заобиколувајќи ја Украина. Изградбата е завршена, но гасоводот се уште не е пуштен во функција.

Проектот предизвикува голем број политички реакции, затоа што, според САД, ќе ја зголеми зависноста на Европа од рускиот гас. За Украина, пак, од друга страна, транзитните такси при транспортот на гасот се важен извор на приход.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.