Нов конвој на ОН се очекува денеска да ги евакуира последните цивили од фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол, последното упориште на украинскиот отпор во стратешки важното пристаниште, без гаранција за прекин на борба.

Помошникот на генералниот секретар на Обединетите нации за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, синоќа соопшти дека нов конвој се движи кон градот, кој стана симбол на руската инвазија која започна на 24 февруари.

„Конвојот е на пат кон Азовстал каде што ќе пристигне утре наутро, надевајќи се дека ќе ги собере последните цивили од тој пекол во кој живееја толку многу недели и месеци и ќе ги донесе на безбедно“, рече Грифитс вчера во Варшава.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст потврди дека е дел од операцијата.

Минатиот викенд, околу стотина цивили го напуштија „Азовстал“ во евакуација организирана од ОН и Црвениот крст.

Се уште се контрадикторни информациите за состојбата во челичарницата во Мариупол каде што има и цивили.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа во видео-порака рече дека руските сили продолжуваат да ја напаѓаат фабриката и покрај ветувањето на Русија за тридневен прекин на огнот што требаше да започне во четврток наутро.

Руското бомбардирање продолжува „и цивилите, жените, децата сè уште треба да бидат евакуирани“, рече тој во пораката објавена на неговиот фејсбук-профил. „Замислете го тој пекол! Таму има деца! „Повеќе од два месеци континуирано бомбардирање, смртта е постојано близу“, додаде тој.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера вечерта потврди дека „руската армија се уште е подготвена да обезбеди евакуација на цивилите“ од „Азовстал“, кои би можеле да бидат уште двеста, заробени во комплекс заедно со украински борци.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека руската армија го почитува прекинот на огнот околу фабриката и оти „функционираат“ хуманитарните коридори околу „Азовстал“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.