Војната во Украина ги доведе во прашање долгорочните планови на Пентагон, а се очекува високи функционери од одбраната на САД да го променат начинот на распоредување на војниците во Источна Европа и Балтикот поради загриженоста за пошироките амбиции на Русија.
Началникот на Здружениот Генералштаб, генералот Марк А. Мили, порача дека е за воспоставување постојани бази за американските трупи во регионот, но персоналот да се распоредува на ротирачка основа, „за да се добие ефектот на постојаност“ по пониска цена, затоа што на тој начин нема да има трошоци што се сместување на семејствата и училишта.
Верувам дека многу од нашите сојузници, особено оние како Балтикот, Полска или Романија, се многу подготвени да воспостават постојани бази. Ќе ги изградат и ќе ги платат – порача Мили во дискусија пред Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом.
Зборувајќи пред истиот комитет минатата недела, генералот на воздухопловните сили Тод Д. Волтерс, кој ја предводи американската европска команда, изјави дека сегашната политика на НАТО за ротирање трупи низ Источна Европа „мора да се промени“ и дека тамошните земји се „многу желни“ за трајно прифаќање на НАТО силите.
Разговорите на високо ниво доаѓаат во време кога офанзивата на руските сили врз поголемите украински градови стагнира. Како резултат на тоа, американските власти оценија дека рускиот претседател Владимир Путин ги ревидира своите воени цели, со намера да ги пренасочи борбените дејствија кон источна Украина.
Од почетокот на воената акција, Пентагон драстично го зголеми бројот на американски војници во Европа, од околу 60.000 на повеќе од 100.000. Во екот на Студената војна во 1950-тите, военото присуство на САД низ Европа броеше повеќе од 400.000 војници.
Високите американски одбранбени функционери беа претпазливи во одредувањето на патот по кој ќе тргнат, пишува „Вашингтон пост“, додека руската воена акција во Украина ја дефинираа како настан што го промени глобалниот поредок. Портпаролот на Пентагон Џон Кирби минатата недела изјави дека САД навремено ќе се консултираат со своите сојузници за да одлучат која е вистинската безбедносна стратегија во Европа „без разлика како ќе заврши оваа војна“, и дека администрацијата на Џо Бајден е отворена за дискусија за тоа дали е потребно „поголемо постојано присуство“ на континентот.
Во вторникот, министерот за одбрана Лојд Остин истакна дека ова прашање најверојатно ќе се појави на самитот на НАТО во јуни.
Нашата цел е да продолжиме да ги уверуваме нашите сојузници и партнери, особено оние од источното крило, а особено нашите сојузници на Балтикот – рече тој.
На плановите ќе влијае и фактот што Америка процени дека Кина, а не Русија, предизвикува поважни долгорочни безбедносни грижи.
Висок функционер за одбрана на САД, кој разговарал за плановите на Пентагон под услов да остане анонимен, во интервјуто вели дека „ќе има промена во присуството на Европа“ како резултат на војната во Украина. Но, Источна Европа, исто така, ќе биде „зајакната“ со војници од другите земји на НАТО кои пресметуваат што ќе биде неопходно за да ја одвратат Русија во наредните месеци и години, вели претставникот.
Во моментов мислам дека ќе успееме да ги балансираме двата региона, да го направиме Индо-пацификот приоритет, а истовремено да го зголемиме нашето присуство во Европа – вели тој.
Елбриџ Колби, поранешен функционер за одбрана во администрацијата на Доналд Трамп, од друга страна, смета дека поголем ангажман во Европа ќе ги наруши плановите на САД во Азија.
Иако Пентагон многу се потпира на американската војска во Источна Европа и веројатно би се потпирал на морнарицата и воздухопловните сили во Пацификот, има повеќе преклопувања отколку што луѓето сфаќаат. На пример, 82-та воздушно-десантна дивизија, која има илјадници војници распоредени во Полска, бара воздушна поддршка, како и други сили потребни на други места – вели тој.
По присоединувањето на Крим кон Русија во 2014 година, американските одбранбени претставници размислуваа дали трајно да ги базираат трупите во Источна Европа. Идејата на крајот беше напуштена поради, како што беше објаснето, високите трошоци, но неодамнешните настани може да го променат тоа размислување, обкаснува Џон Таунсенд, поранешен функционер на администрацијата на Барак Обама.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.