Откако украинскиот претседател, Володимир Зеленски, порача дека Западот треба повеќе да се вклучи во преговорите за ставање крај на војната, портпаролот на Стејт департментот изјави дека САД се подготвени да преземат дипломатски чекори, кои би биле корисни за украинската Влада.

Доколку можеме да преземеме дипломатски чекори, за кои украинската Влада верува дека ќе бидат корисни, ние сме подготвени да ги преземеме – посочи портпаролот на Стејт департментот.

Тој додаде дека САД се обидуваат да им обезбедат на Украинците што е можно посилна преговарачка позиција, да го зголемат притисокот врз Русија со наметнување високи трошоци и да обезбедат безбедносна помош за украинската одбрана.

Претходно, Зеленски истакна дека Западот досега не е доволно вклучен во преговорите помеѓу Киев и Москва.

Тој додаде дека Москва има „фундаментално поинаков пристап“ во преговорите и оти претходно само поставувала ултиматуми, а за време на последните преговори „почнале да разговараат“.

Зеленски посочи и дека идните мировни преговори со Русија може да се одржат во Ерусалим.

Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека преговорите помеѓу Москва и Киев продолжиле преку видео врска. Сепак, Песков не наведе повеќе детали.

Досега се одржани три рунди преговори на ниво на делегации, првата на украинско-белоруската граница, а следните две на полско-белоруската граница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.