САД вчера објавија дека на Украина ќе ѝ достават 18 дополнителни ракетни системи „Химарс“ за да ја зајакнат нејзината одбрана. Пакетот за воена помош вреден 1,1 милијарда долари ќе овозможи удвојување на моќните ракетни комплекси што ги поседува Украина, а кои се покажаа како особено ефикасни во контраофанзивните дејствија на Украина, пренесува Гардијан.
Официјален Пентагон објави дека ракетните системи „Химарс“ ќе ѝ бидат доставени на Украина на среден и на долг рок, без притоа да се објават конкретни датуми.
Гардијан пишува дека Украина во моментов има 16 ракетни системи „Химарс“, кои се покажаа како исклучително ефикасни на терен во уништувањето на депоа со муниција и командни центри на руската армија лоцирана во окупираните украински региони.
Најновиот пакет на воена помош од САД, покрај дополнителни ракетни системи „Химарс“, вклучува и 150 оклопни возила, 150 тактички возила за влечење оружје, камиони и други системи кои треба да ѝ помогнат на Украина да се одбрани од беспилотните летала кои Русија ги набави од Иран и веќе ги распореди на фронтот.
Со најновата одлука, вкупната американска воена помош за Украина од почетокот на руската агресија во февруари годинава се зголеми на 16,2 милијарди долари, пренесува Гардијан.
Во меѓувреме, на фронтот во Украина продолжува руското гранатирање на врз населените места кои се наоѓаат под украинска контрола. Во изминатово деноноќие во Донецкиот регион загинале најмалку шест цивили од руските ракети испалени кон населените места Торецк, Бахмут, Пивничне, Блаходатне и Миколаивка, јавува Укринформ.
Со ракети бил нападнат и градот Днипро во Днипропетровскиот регион, каде што загинале најмалку тројца цивили, меѓу кои и едно дете, пренесува Укринформ. Во ракетирањето на станбени области во градот биле повредени и пет лица, меѓу кои и 12-годишно девојче.
Најмалку 13 лица биле повредени од руското гранатирање на Криви Рих, при што руската војска употребила и забранета кластер муниција во нападот извршен врз индустриски објект во Зеленодолск, пишува Укринформ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.