Руското Министерство за одбрана тврди дека пожарот во трговскиот центар во Кременчук бил предизвикан од „детонирање на складирана муниција за западно оружје“. Сепак, како што пишува „Гардијан“, не е понуден ниту еден доказ за поддршка на тоа тврдење.

„Вооружените сили на Руската Федерација продолжуваат со нападите врз воените објекти на територијата на Украина. На 27 јуни во градот Кременчук руските воздушно-космички сили извршија напад со високопрецизно оружје врз хангари со оружје и муниција добиени од САД и европските земји“, се наведува во оперативниот брифинг на Министерството за одбрана.

Русите посочуваат и дека како резултат на тој удар било погодено оружје и муниција од западно производство, кои се концентрирани во магацинот за понатамошна испорака на украинската група војници во Донбас, пренесува „Гардијан“.

„Детонирањето на складирана муниција за западно оружје предизвика пожар во нефункционалниот трговски центар лоциран веднаш до фабриката“, се додава.

Најмалку 36 лица се уште се водат како исчезнати откако руски проектил погоди трговски центар во градот Кременчук, изјавија украинските обвинители за „Гардијан“.

Се верува дека загинале 18 лица. Воен персонал, доброволци, пожарникари и полиција постојано работат на извлекување на телата од урнатините. Властите проценуваат дека попладнево во трговскиот центар имало меѓу 200 и 1.000 луѓе. Многумина успеале да побегнат во блиското засолниште кога се слушнале сирени за напад. Останатите кои не стигнале на време да се евакуираат останале заробени во зградата.

Руското Министерство за одбрана вчера сугерираше дека штетата предизвикана од руските ракети во станбениот кварт на Киев за време на викендот се должат на обидите на Украинците да ги соборат, па се додава дека Русија не цели на цивилни области.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.