По завршувањето на воените вежби и денеска продолжи руското повлекување на силите што беа стационирани во близина на украинската граница, соопшти руското Министерство за одбрана.

Според официјална Москва, неколку единици вклучени во маневрите на црноморскиот полуостров Крим, сега се вратени во своите бази.

Руските медиуми покажаа и видео материјал од кој се гледа како вод тенкови и други воени возила патуваат во темнината преку мостот на Крим, што го поврзува полуостровот со континентална Русија.

Министерството за одбрана дава малку информации за видот на силите што се повлекуваат и колку војници се вклучени.

Во првичното соопштение Министерството за одбрана вчера наведе дека по завршувањето на воените вежби почнало повлекувањето на некои војници кои биле распоредени во јужните и западните воени области, во близина на границата со Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.