Амбасадорот на Русија во Советот за безбедност на ОН, Василиј Небензја, одржа прес-конференција на која изрази незадоволство поради тоа што на барање на Русија не е свикан состанок на Советот за безбедност на ОН и изнесе голем број тврдења за кои наведе дека докажуваат дека тврдењето оти Русите го извршиле масакрот во Буча е „лага“.
Тоа е јасна провокација во стилот на Гебелс. Сакам да ви презентирам вистински докази за Буча. Додека градот беше под контрола на руската армија, ниту еден жители не беше жртва на насилство. За тоа време жителите се движеа слободно. Тие користеа мобилни телефони па можеа да објават каква било слика или видео од некакво теоретско насилство ако имало таков случај. Но, тоа не се случи – истакна рускиот амбасадор во ОН.
Тој на прес-конференцијата објави видео снимка од градоначалникот на Буча, снимена на 31 март.
Тоа видео е снимено ден по повлекувањето на руските сили, што е презентирано како победа на украинската армија. Интересно е што тој не спомна никакво масовно насилство, убиства, масовни гробници или нешто слично. Тешко е да се замисли дека градоначалникот заборавил да спомне такви грозни работи. Градоначалникот Федеров се насмевнува, тешко е да се однесува така ако има масакр на улиците околу него – истакна рускиот амбасадор, а потоа ја објави снимката од градоначалникот на Буча.
На снимката, градоначалникотФедеров е среќен што руските војници се повлекоа и вели дека ова е голема победа за украинската армија. Тој не спомнува никакви злосторства во градот. Ова видео го објави украинската телевизија „Канал 24“ на 1 април и нагласувам дека ништо не е кажано за злосторствата. Сакам да ви покажам и слика од потпретседателот на украинскиот Парламент кој исто така се смее и не спомнува ништо за злосторствата во својата објава – истакна Небензја.
На 2 април Националната гарда на Украина објави видео од влегувањето во Буча и никаде не се гледаат тела. Тие разговараа со жителите и никој не го спомна масакрот – нагласи Небензија.
Тој го покажа и објавеното видео на кое се гледа влегувањето на украинските сили во градот.
Да резимираме, нема никакви извештаи за злосторници во Буча за кои сега е обвинета руската армија, што би се случиле пред да влезе украинската војска во градот. Четири дена откако руската армија го напушти градот немаше ништо, повторувам, не се споменува злосторство.
Видеото со телата се појавува на 3 април, полно со несовпаѓања и очевидни лаги. Телата лежат на улица најмалку четири дена, но не се вкочанети. Како е можно тоа? Ова е спротивно на законите на биологијата. Нема знаци на распаѓање. Тоа, исто така, покажува дека видеото е лажно – истакна Небензја
Освен што тврди дека телата на цивилите немаат никаква врска со руската армија, Небензја отиде и чекор понатаму. Тој ги обвини Украинците дека убивале луѓе кои носеле бели ленти на рацете, што било знак дека се цивили додека градот бил под руска контрола.
Кога украинските сили влегле во градот пукале во луѓе со бели ленти, убивајќи цивили. Постои снимка од разговор меѓу украинските војници што е објавена на социјалните мрежи. Еден радикал прашува дали може да пука во луѓе без сини ленти, а друг одговара: „Се разбира“ – изјави Небензја.
Тој истакна дека украинската снимка од телата на улиците на Буча е „груб фалсификат“.
Небензја потсети на случаите на лажни сведоштва за малтретирање, спомнувајќи ја една од двете трудници во Мариупол, чии слики го обиколија светот.
Таа е блогерка, зборуваше и призна на руска телевизија дека ја натерале да го направи тоа – изјави Небензја.
Потоа, тој уште еднаш се осврна на масакрот во Буча, тврдејќи дека се е лага.
Одеднаш се појавуваат тела. Некои покажуваат знаци на живот. Тоа е инсценирано, тоа е лажно, тоа е провокација. Имаме докази дека тоа е организирано од украинската информативна воена машина.
Една работа не можете да ја оспорите, Украинците ги користат жителите како жив штит во станбените згради – истакна Небензја.
Небензја реагираше и дека не е свикана седница на Советот за безбедност на ОН, иако Русија тоа го побарала и дека состанокот секогаш се одржувал во рок од неколку часа кога една од земјите-членки на Советот за безбедност побарала состанок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.