Русија планира да одржи стратешки воени вежби на истокот на земјата почнувајќи од крајот на август, соопшти Министерството за одбрана, илјадници километри оддалечени од војната во Украина.
Вежбите „Восток“ (Исток) ќе се одржат од 30 август до 5 септември. Нивната цел, се чини, е да испратат порака дека Русија и покрај скапата петмесечна војна во Украина, сепак останува фокусирана на одбраната на целата своја територија и дека е воено способна да функционира нормално.

Во соопштението, Министерството нагласи дека нивната способност да одржуваат такви вежби не е засегната од, како што ја нарекуваат, „специјална воена операција“ во Украина. Се наведува дека Русија не откажала никакви активности за обука или меѓународна соработка и дека целиот неопходен персонал, оружје и опрема ќе учествува на вежбите.

„Вашето внимание го обрнуваме на фактот дека само дел од вооружените сили на Руската Федерација се вклучени во воената операција во Украина и тоа е доволен број за исполнување на сите задачи поставени од врховниот командант.“ се вели во соопштението.

„Некои странски медиуми шират лажни информации за „некои наводни активности за мобилизација“, се додава.

И покрај големите загуби на Русија и бавниот напредок во Украина, претседателот Владимир Путин не нареди мобилизација на резервистите во земјата, која, според проценките, изнесува два милиони луѓе кои служеле војска во последните пет години.

Претстојните вежби ќе се одржат во Источниот воен округ, кој опфаќа делови од Сибир, а седиштето е во Хабаровск во близина на кинеската граница.

Ќе бидат вклучени и некои странски сили, соопшти Министерството за одбрана, но не соопштиле точно за кои земји станува збор. Минатата година воени единици од Ерменија, Казахстан, Киргистан и Монголија учествуваа во големите воени вежби во Русија и Белорусија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.