Руските сили гранатираа џамија во јужниот украински пристанишен град Мариупол, каде што се засолниле повеќе од 80 возрасни и деца, меѓу кои и турски државјани, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

Украина ја обвини Русија дека одбива да ги ослободи луѓето од Мариупол, каде што блокадата остави стотици илјади заробени.

Русија ја обвинува Украина за неуспехот да се евакуира. Министерството за надворешни работи на Украина на Твитер објави дека џамијата на султанот Сулејман Величествениот во Мариупол била гранатирана од руски напаѓачи.

– Таму се кријат повеќе од 80 возрасни и деца, вклучително и турски државјани, се вели во соопштението.

Нема информации за жртви. Русија продолжува да негира дека напаѓа цивили во Украина, иако тоа го прави секој ден. Меѓународната заедница го предупреди Путин дека Русија ќе плати за воените злосторства што ги прави на украинска територија.

Претходно денеска, украинските власти ја обвинија Русија дека го гранатирала јужниот украински град Николаев со тешка артилерија и нанела штети на една болница и неколку станбени згради, пренесе АП.

Главниот лекар на болницата, Максим Безносенко, вели дека неколку стотици пациенти биле во болница за време на пукањето, но никој не е повреден.

Зградата е оштетена, има искршени стакла. Руските сили ги засилија нападите врз Николаев, 470 километри јужно од Киев, и се обидуваат да го опколат градот, пренесе Факти-бг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.