Русија побара од Украина да и го предаде шефот на нејзините безбедносни служби, како и други лица наводно поврзани со терористички акти извршени на руска територија, јавија западни медиуми, повикувајќи се на соопштение на руското Министерство за надворешни работи.
Русија побара од Украина „да ги уапси и екстрадира сите инволвирани во терористичкиот напад во концертната сала Крокус во Москва на 22 март, како и во другите терористички напади во Русија“, вклучувајќи го и шефот на Службата за безбедност на Украина (СБУ) Василиј Маљук, соопшти денеска руското МНР.
Во соопштението се наведува дека Русија ја повикува Украина „да престане со секаква поддршка за тероризмот и да ги обештети жртвите од терористичкиот напад во Москва“.
„Русија ги упати до украинските власти своите барања за итно апсење и екстрадиција на сите поврзани со терористичките акти за кои станува збор“, се вели во соопштението на Министерството и се нагласува дека „прекршувањето на обврските на Украина од меѓународните конвенции против тероризмот ќе повлекува нејзина меѓународна правна одговорност“.
Во соопштението се наведува дека меѓу оние кои Русија побарала да бидат екстрадирани од Украина е и Маљук, кој е началник на Службата за безбедност на Украина и кој признал дека неговата служба стои зад нападите на мостот што го поврзува Крим со руското копно, извршени откако Кремљ ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.