Рускиот напад на Украина, не го доведува во прашање само опстанокот на земјата, туку ја загрозува и цела Источна Европа, но и стабилноста на Западен Балкан, изјави денеска претседателот на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Михаел Рот. Тој додаде дека Западот треба да ги „запре сепаратистите“ во Босна и Херцеговина, што поскоро.

Во објавата на Твитер, Рот предупреди дека нападот може да има сериозни последици, не само на Источна Европа, туку и на Балканот, каде држави се соочени со нестабилности и различни закани.

Путин, не само што војува против Украина, туку и го доведува во прашање правото на постоење на источноевропските држави. Тоа, исто така, ја торпедира и европската перспектива на Западен Балкан, предупреди Рот, истакнувајќи дека Европската унија сега е на тест на докажување на својата веродостојност и одржување на одамна дадените ветувања.

Тој појасни дека затоа треба да бидат решени сомнежите за пристапувањето на Албанија и на Македонија во Унијата, па ја повика Бугарија да запре со блокирање на процесот.

За Косово, Рот предложи што побрза визна либерализација, а во однос на Босна и Херцеговина, предупреди на сепаратистичките тенденции што му се закануваат на опстанокот на земјата, со што алудираше на политиката на српскиот член на Претседателството БиХ, Милорад Додик.

Тој, со отворена руска поддршка, веќе со месеци најавува и презема конкретни чекори, што водат кон издвојување на Република Српска од уставно-правниот поредок на БиХ. Русија исто така му дава поддршка на Додик во оспорување на мандатот на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит.

Треба да се запрат сепаратистите во Босна и Херцеговина, изјави Рот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.