Британскиот премиер, Риши Сунак, побарал независна проценка за напредокот на војната во Украина, дознава „Би-би-си Њузнајт“, а според публикацијата, високи личности од британската политичка сцена стравуваат дека пристапот на премиерот може да биде премногу внимателен бидејќи војната влегува во клучна фаза.

Сепак, официјално, Даунинг стрит инсистира дека Сунак силно ја поддржува Украина, а извор од кабинетот на владата, за „Би-Би-Си“ инсистирал дека не е точно оти Сунак е премногу внимателен и дека „поддршката на владата на Обединетото Кралство за Украина е непоколеблива“.

Сепак, барањето предизвикало вознемиреност во некои делови на власта, бидејќи воените началници сметаат дека испораките на оружје за Украина може да се покажат како одлучувачки во зимските месеци што следуваат.

Војните не се добиваат на контролна табла. Војните се добиваат на инстинкт, изјавил извор од владата.

Велика Британија е еден од најголемите донатори на воена помош за Украина.

На „Би-би-си Њузнајт“ му било кажано дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, е свесен за дебатата во Обединетото Кралство и тој го охрабрил Сунак да ја одржи силната воена поддршка за неговата земја.

Претседателот Зеленски почувствува што се случува. Значи, тој разговараше со Риши. Тој се обидува да го инспирира, велејќи дека Велика Британија е голем ослободител, голем борец, дека тоа и треба на Украина, изјавил изворот.

Предложената проценка на војната доаѓа во клучен момент од конфликтот, при што клучните фигури во британската влада веруваат дека Украина и Русија ќе се борат до последно.

Тие сметаат дека единствениот начин една страна да напредува е значително да го зголеми снабдувањето со оружје. Според нив, Русија практично останала без залихи, а Украина може да се снабдува со оружје само со помош на САД и главните воени сили во Европа, на чело со Британија.

Извори од владата велат дека адмиралот сер Тони Радакин, началникот на штабот на одбраната, ја пренел пораката во дипломатски термини на предавање оваа недела.

Сер Радакин јасно ставил до знаење дека руската воена резерва е „празна“ и побарал дека бара континуирана поддршка за Украина.

Вонредните времиња бараат извонреден одговор. Ова објаснува зошто Русија губи, а слободниот свет победува… Под услов да ја задржиме нашата кохезија и решителност, вистинската победа е на дофат е многу позначајна, е пораката на Радакин.

Украина, исто така, неделава упати апел за повеќе оружје.

Знам дека можам да го победам овој непријател. Но, ми требаат ресурси. Ми требаат 300 тенкови, 600-700 IFV (борбени возила на пешадија), 500 хаубици, за „Економист“ изјави генералот Валериј Залужни, шеф на украинските вооружени сили.

Претходно овој месец, американскиот Конгрес му даде принципиелно одобрение на Пентагон да купи значајно оружје за Украина. Сепак, како што објави „Економист“, ова можеби нема да стигне на време за пролетната офанзива следната година.

Некои во британската влада го гледаат пристапот како знак на вродена претпазливост кон Украина од страна на американскиот претседател Џо Бајден, за кого се смета дека е загрижен дека зголемена воена поддршка може да предизвика поширок глобален конфликт. Затоа, по најавената проценка, во Британија се стравува дека Сунак може да серизоно да ја преземе претпазливоста на Бајден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.