Ретка банкнота од десет илјади американски долари, од периодот по колапсот на Њујоршката берза пред сто години, е продадена за 480.000 долари на аукција, објави Си-Ен-Ен.

Банкнотата, издадена во 1934 година, е оценета дека е со исклучителен квалитет, според аукциската куќа „Херитиџ“ со седиште во Далас.

Банкнотата од Бостон, на која се наоѓа ликот на тогашниот секретар за финансии на претседателот Линколн, Салмон П. Чејс, беше ѕвезда на аукцијата на банкноти и е продадена за рекордна цена.

Банкнотите со големи деноминации отсекогаш го привлекувале интересот на колекционерите од секаков вид“, вели Дастин Џонстон од „Херитиџ аукшнс“ во соопштение за јавноста.

Банкнотата од 10.000 долари стои само зад златниот сертификат од 100.000 долари издаден во 1934 година, а од 18-те примероци оценети од експерти, овој примерок имал речиси највисока оценка.

Највисоката цена за која претходно била продадена банкнота од 10.000 долари од 1934 година била 384.000 долари во септември 2020 година, изјави портпаролот на аукциската куќа, додавајќи дека продажбата „поставила рекорд за банкнота од 1934 година“.

Банкнотата од 10.000 долари била најголемата деноминација досега во оптек, бидејќи банкнотата од 100.000 долари се користела само за пренос на средства меѓу банките, се наведува на веб-страницата на Музејот на американските финансии. Оваа банкнота, која е ставена на аукција, никогаш не била во оптек, објаснуваат од „Херитиџ“.

Банкнотата од 100 долари е највисоката деноминација во САД од 1969 година, откако биле укинати банкнотите од 500 долари и поголеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.