Околу 40 отсто од германските компании веќе го чувствуваат негативното влијание на растот на цените на енергенсите, а речиси половина поради тоа планираат да ги намалат вложувањата, покажува истражување на универзитетот Ифо.

Сметките за гас и струја во Германија минатиот месец достигнаа рекордно ниво, а наглиот раст на цените на енергенсите по руската инвазија на Украина ја турнаа во март германската годишна инфлација на 40-годишен максимум.

Околу 46 отсто од компаниите изјавиле дека планираат да ги намалат вложувањата поради растот на цените на енергијата, а четвртина очекуваат интензивен ценовен шок во втората половина од годината, покажува истражувањето на Ифо.

Во истражувањето учествувале 1.100 компании, главно семејни, и покажало дека секоја десетта размислува за целосно откажување од енергетски интензивни проекти, додека 14 отсто размислуваат за отпуштање на работници поради растечките трошоци на енергијата.

Речиси 90 отсто од компании сметаат дека веројатно ќе мора да ги зголемат цените за да се справат со растечките трошоци, додека три четвртини планираат да ги зголемат инвестициите во енергетската ефикасност.

„Потребна ни е политика која ќе го поправи нарушувањето на пазарното натпреварување и ќе го сопре растот на цените“, кажа членот на Фондацијата за семејни претпријатија Рајнер Кирхдорфер, која го нарачала истражувањето.

Германската влада претстави минатиот месец мерки за помош вредни околу 16 милијарди евра за да им помогне на потрошувачите да се носат со растечките трошоци за енергија и за да се намали зависноста од рускиот гас по војната во Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.