По едночасовниот телефонски разговор на барање на рускиот претседател Владимир Путин францускиот претседател емануел Макрон е песимист дека работите во Украина ќе тргнат кон подобро. Русинот на својот француски колега му рекол дека операцијата на руската армија се развива „според планот” и дека ќе се „влоши” доколку Украинците не ги прифатат неговите услови, соопшти француското претседателство.

Очекувањата на претседателот Макрон се дека најлошото допрва доаѓа, со оглед на тоа што му го кажа претседателот Путин, соопшти Елисејската палата.

Кремљ соопшти дека Путин му порачал на Макрон дека Русија има намера да ја продолжи бескомпромисната борба во Украина.

Како што наведе Кремљ, Путин му дал на Макрон „аргументирани објаснувања за улогата на неонацистите во државната политика на Киев” и повторил дека условите на Русија во преговорите се демилитаризација на Украина и нејзиниот неутрален статус, за да нема опасност за Русија од нејзина територија.

Путин ја даде иницијативата за тој разговор, трет меѓу двајцата функционери од почетокот на инвазијата на 24 февруари, за да го „информира” Макрон за „ситуацијата и намерите во рамки на отворениот дијалог” меѓу двајцата, соопшти француското претседателство.

На обвинувањата на Путин упатени кон Украинците, Макрон одговори дека прави голема грешка против украинскиот режим, „кој не е нацистички”.

„Ти зборуваш сешто, бараш изговори”, возвратил Путин и го повикал својот француски колега „да не се лажат”, се наведува во соопштението на Елисејската палата.

„Тој разговор овозможи да се разгледаат несогласувањата, да му се каже вистината на претседателот Путин, но, исто така, за жал, да се констатира неговата решеност да ја продолжи воената операција до крај”, се вели во соопштението.

„Украинците храбро се борат. Ништо не е готово, но односот на силите е неурамнотежен”, се додава во соопштението, истакнувајќи го „песимизмот” на Макрон по тој разговор.

Француското претседателство додаде дека ќе ги зајакне санкциите против Русија, оценувајќи дека се работи за многу моќна алатка, што може да се види со падот на вредноста на рубљата.

Париз, исто така, ја оцени како „многу значајна” одлуката на Кина да се воздржи во ОН кога резолуцијата со која се повикува на итен прекин на употребата на сила против Украина беше изгласана со огромно мнозинство.

„Ние сме заинтересирани за фактот дека Кина го предложи своето посредување и сме во контакт со властите во Пекинг, соопшти Елисејската палата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.