Во специјално обраќање до Украинците по повод 9 Мај, Денот на победата, рускиот претседател Владимир Путин им посака „мирна и праведна иднина“ велејќи дека „наша света должност е да ја спречиме одмаздата на идеолошките наследници на оние кои беа поразени во Големата патриотска војна“.
Обраќајќи се со зборовите „почитувани ветерани, драги пријатели“, Путин во кусото обраќање рече:
„Пред 77 години, благодарение на храброста и херојството на војниците и партизаните од првата линија, непоколебливоста и несебичноста на работниците од домашниот фронт, беше уништен фашизмот, стремејќи се да ја пороби Европа, носејќи болка и страдање на десетици милиони луѓе. Безбројните жртви направени во име на заедничката победа станаа гаранција за нашиот живот и слобода. Сеќавањето на ова не може да се заборави.
За жал, денес нацизмот повторно ја крева главата и се обидува да ги наметне своите варварски, нечовечки наредби. Наша света должност е да ја спречиме одмаздата на идеолошките наследници на оние кои беа поразени во Големата патриотска војна.
На украинските ветерани од Големата патриотска војна искрено им посакувам душевна издржливост, добро здравје и долговечност, а на сите жители на Украина – мирна и праведна иднина“.
Украина не го слави Денот на победата од 2015 година како дел од декомунизацијата на земјата. Тогаш Врховната Рада одлучи дека на 8 мај ќе се одбележува Денот на сеќавањето и помирувањето, наместо 9 Мај – Денот на победата над нацизмот во Втората светска војна. Симболот на новиот меморијален ден е црвениот афион, а слоганот стана „1939-1945. Се сеќаваме. Победуваме“. Меморијалните настани се фокусираат на сеќавањето на загинатите, а не на воените паради од советската ера.
На 22 ноември 2004 година, Генералното собрание на ОН ја усвои резолуцијата 59/26, прогласувајќи ги 8 и 9 мај за „време на сеќавање и помирување“, признавајќи дека поединечните земји може да имаат посебни денови за победа, ослободување и сеќавање, но повика еден или двете денови да се прославуваат „на соодветен начин во чест на сите жртви од Втората светска војна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.