Неколку илјади лица попладнево учествува на протест во Брисел за поддршка на жителите на Газа, организиран од неколку белгиски синдикати и невладини организации.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според организаторите на протестот, на него учествувале околу 25.000 лица, додека, според белгиската полиција, на собирот присуствувале 12.000 луѓе.
Протестот започна пред седиштето на Европската комисија, од каде демонстрантите се упатија на марш низ околните улици, кој заврши на почетната локација – плоштадот „Шуман“ пред зградата на ЕК.
Учесниците на протестот носеа палестински знамиња и транспаренти со пораки за поддршка за Палестинците и за прекин на „масакрите во Газа“, но и „Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“ и „Капитализмот е вистинската бомба“.
Организаторите на собирот, меѓу кои и Генералната федерација на трудот на Белгија, Конфедерацијата на христијански синдикати, Белгиско-палестинската асоцијација, организацијата Координација и иницијативи за бегалците и странците, Христијанското работничко движење, Националниот центар за развојна соработка и здружението Женски живот, ја повикаа Европската Унија да направи се што е во нејзина моќ да се постигне прекин на огнот во Појасот Газа, како и да се заштити целото цивилно население и да му се овозможи пристап до меѓународна помош.
Уште при најавата на протестот, организаторите апелираа тој да биде мирен, да нема оправдување за воените злосторства, напади врз цивили или каква било манифестација на антисемитизам или која било друга форма на расизам, а во неколку наврати и на собирот потсетија дека не сакаат никакви антисемитски или пораки против еврејскиот народ.
– Недвосмислено ги осудуваме сите напади врз цивилното население, вклучително и оние извршени од Хамас од 7 октомври врз израелски цивили, кои резултираа со стотици загинати. Сепак, ниту еден напад не може да го оправда непочитувањето на правилата на војување, беше наведено во прогласот на организаторите на собирот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.