Велика Британија е погодена од големи поплави откако изобилните дождови предизвикаа излевање на реките од коритата. Поплавите ја прекинаа железничката служба, а властите предупредија дека водите може да се зголемат во наредните денови.

„Очекував поплави, но не толку големи. Загрижена сум за тоа колку високо е нивото на реките. Се прашувам дали навистина треба да префрлам уште некои работи горе“, изјави Ерика Ален, жител на Колингем.

Бурата што донесе силни ветрови вчера остави под вода повеќе од 1.000 домови и деловни објекти, соопштија властите. Зградите и автомобилите беа потопени додека улиците се претворија во потоци, обработливото земјиште исто така е под вода.

„Тоа е едноставно ужасно. Вознемирени, лути и исплашени сме. Се плашиме да дознаеме што треба да направиме за да вратиме се повторно во ред“, додаде Џек Лотон, жител на Колингем.

Меѓу надојдените реки е и Трент во централна Англија, поради што локалните власти прогласија вонредна состојба. Премиерот на Велика Британија Риши Сунак ги посети поплавените подрачја.

„Разговарав со луѓето кои беа погодени за тоа колку е разорно влијанието на поплавите. Сакаме само луѓето да се уверат дека агенцијата за животна средина има луѓе на терен во сите погодени области“, изјави Риши Сунак, премиер на Велика Британија.

Лондонската противпожарна служба синоќа соопшти дека морала да придружува околу 50 луѓе на безбедно, откако канал се излеа во источниот дел на главниот град. Агенцијата за животна средина предупреди дека влијанието од поплавите може да трае уште пет дена. Невремето во последните денови предизвика поплави и во други делови на Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.