Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро во понеделникот бил примен во воена болница во Бразил на тестирање откако се чувствувал лошо, објавија локалните медиуми.

Болсонаро (67), кој беше прободен со нож во стомакот за време на претседателската кампања во 2018 година, поради што има постојани здравствени проблеми, отсуствуваше на вечерниот настан организиран од Републиканската партија на кој требаше да присуствува.

Сигурен сум дека претседателот е добро, прави само дополнителни испити, па затоа не е тука – изјави претседателот на партијата Маркос Переира.

Веб-страницата Г1 објави дека првата дама, Мишел Болсонаро, која присуствуваше на настанот, кажала дека нејзиниот сопруг е „добро“, а министерот за комуникации, Фабио Фарија, извести дека претседателот едноставно се чувствувал „непријатно“.

Болсонаро два дена во јануари беше хоспитализиран во Сао Паоло со делумно блокирано црево.

Претседателот, кој е на власт од 2019 година, во средината на јули исто така беше примен во болница со истиот проблем, при што остана четири дена иако не беше опериран.

Поради убодната рана, на Болсонаро му се извршени најмалку четири операции, меѓу кои и ставање и последователно отстранување на кеса за колостомија, што го прави повеќе склон кон цревни нарушувања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.